Червар дебитира, Битола е на нозе!
РАКОМЕТ
9/29/20261 min read


Пелистер е пред својот прв голем европски предизвик оваа сезона, откако утре ќе го пречека шпанскиот претставник Логроњо Ла Риоха (20.45 часот) во воведното коло од групната фаза во Европската лига.
„Нè поставија како фаворити пред Гумерсбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно. Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа; играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила“, изјави Червар во пресрет на европскиот испит.
„Посебно важна е нашата одбрана. Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб; ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Публиката е нашата сила, наш играч повеќе. Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме енергија, желба за победа — тоа е исклучително важно. Страста за победа дава дополнителна сила. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Пелистер, затоа сум тука“, дециден е тренерот на битолскиот состав.
