Дончиќ си ја отвори душата за семејните проблеми: Не можам да издржам веќе вака

КОШАРКА

10/9/20261 min read

Ѕвездата на Лејкерс, Лука Дончиќ, призна дека семејните проблеми му претставувале огромен товар во текот на сезоната, а неизвесноста околу времето што ќе го поминува со своите деца и натаму го мачи.

Словенечкиот кошаркарски ас искрено проговори за тешкиот период во приватниот живот, откривајќи дека семејните проблеми оставиле сериозна трага врз него и покрај одличните настапи на кошаркарските терени. Во интервју за престижниот „Спортс Илустрејтид“, призна дека минатата сезона му била исклучително тешка, пред сè поради разделеноста од неговите деца.

Иако зад себе има импресивна сезона со просек од 33,5 поени, 7,7 скока и 8,3 асистенции по натпревар, Дончиќ откри дека приватните проблеми биле многу поголем предизвик отколку што можело да се забележи во неговите настапи.

„Речиси цела сезона не ги видов и не би можел да издржам уште една сезона на таков начин. Сакаш да бидеш со своите деца секој ден. Затоа минатата сезона ми беше многу тешка. Ги видов само четири или пет дена во текот на целата сезона. Тоа е невозможно. Но, и покрај сè, морав да останам фокусиран на кошарката“, откри Дончиќ.

На прашањето дали семејната ситуација во меѓувреме се подобрила и дали постои решение, кошаркарот беше воздржан, но остави простор за надеж дека работите би можеле да тргнат во позитивна насока.

„Се надевам. Сè уште не знаеме, но се надевам. Не можам да поминам низ уште една сезона на тој начин“, порача словенечкиот ас.

Покрај кошарката, Дончиќ откри дека во последно време пронашол и нов начин за опуштање. Голфот станал негово ново хоби, кое му помага барем накратко да се оддалечи од притисокот и проблемите надвор од теренот.

Кога станува збор за професионалните предизвици, кошаркарот е оптимист пред новата сезона со Лејкерс. Верува дека тимот располага со квалитетен и широк состав, што би можело да биде особено важно во најважниот дел од сезоната, плеј-офот.

„Мислам дека имаме многу широк состав, а тоа е исклучително важно, особено кога ќе дојдат натпреварите од плеј-офот. Имаме играчи кои не се плашат од никого. Против некои од новите играчи веќе сум играл и знам дека немаат страв“, истакна Дончиќ.