Едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка
РАКОМЕТ
10/1/20261 min read


Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер со пораз ја отвори Европската лига. Битолчани пред својата публика загубија од Логроњо Ла Риоха (24:31), шпанскиот ривал кој важеше за аутсајдер на хартија пред стартот на мечот.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Лино Червар, не го криеше разочарувањето по поразот од шпанска Ла Риоха во првото коло од Европската лига на ЕХФ. Искусниот стратег оцени дека неговиот тим одиграл далеку под очекувањата и заслужено останал без бодови пред домашната публика во Битола.
„Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра. Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани“, нагласи стратегот.
Посебно внимание Червар посвети на голманот на Ла Риоха, Хоан Ледо, кој натпреварот го заврши со 20 одбрани.
„Го разбранивме нивниот голман. Дваесет одбрани во ракометот се навистина многу и тоа доволно говори за нашата реализација. Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините, а да одиграш ваков натпревар, навистина е тажно“, рече Червар
Најдобар стрелец кај Ла Риоха на овој натпревар беше Алваро Мартинез со шест гола, но дефинитивно прво име беше голманот Хоан Ледо со 20 одбрани. Кај пелистерци, Петар Атанасијевиќ и Самоил Ристевски постигнаа по четири гола.
Овој резултат никако не му оди во прилог на Еурофарм Пелистер, посебно што во првата рунда Гдањск направи исто така изненадување и триумфира кај Гумерсбах. Во следното коло на Европската лига кое се игра на 6 октомври, Еурофарм Пелистер гостува кај Гдањск во Полска.
