Ќе ги гледаме ли за првпат Меси и Роналдо во ист тим?

ФУДБАЛ

10/9/20261 min read

Фудбалскиот свет би можел да биде сведок на историски момент во кој Лионел Меси и Кристијано Роналдо, двајцата најголеми фудбалски ривали во последните две децении, би можеле за првпат во кариерата да се најдат во ист тим. Зад оваа идеја стои поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез, кој подготвува проштален натпревар во Буенос Аирес.

Планот на Тевез е на едно место да ги собере најголемите фудбалски ѕвезди со кои ги делел соблекувалната и теренот во текот на својата богата кариера. Сепак, посебно внимание привлекува неговата желба Меси и Роналдо да настапат заедно, нешто што досега не се случило.

Според најавите, спектаклот би требало да се одржи на 19 декември годинава, на легендарниот стадион „Ла Бомбоњера“, домот на Бока Јуниорс. Аргентинските медиуми објавија дека претседателот на клубот, Хуан Роман Рикелме, веќе дал начелна согласност за користење на стадионот.


Сепак, засега нема официјална потврда дека двете суперѕвезди ќе учествуваат на натпреварот. Организаторите допрва треба да ги договорат нивните настапи, па останува да се види дали амбициозната идеја на Тевез навистина ќе стане реалност.

Аргентинецот има посебна врска со Меси и Роналдо, бидејќи во текот на кариерата играше и со двајцата. Со португалскиот ас беше соиграч во Манчестер јунајтед, каде што Тевез пристигна во 2007 година. Заедно освоија две титули во англиската Премиер лига, како и трофејот во Лигата на шампионите во 2008 година. Тогаш англискиот гигант во драматичното финале го совлада Челси по изведување пенали.

Со Меси, пак, Тевез со години настапуваше во аргентинската репрезентација. Заедно ја претставуваа својата земја на Светските првенства во 2006 и 2010 година, како и на турнирите од Копа Америка. Токму поради овие заеднички моменти, Тевез се надева дека ќе успее да ги убеди двете фудбалски икони да се појават на неговиот проштален натпревар.

„Ако дојде до тоа, лично ќе одам да го побарам Роналдо“, изјави претходно Тевез, јасно ставајќи до знаење колку многу сака португалскиот напаѓач да биде дел од спектаклот.