Крајно време е Македонија да шутне кон противничкиот гол!!
ФУДБАЛ
10/6/20261 min read


Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја очекува нов голем предизвик, бидејќи ќе ги одмери силите со фаворитот Швајцарија. Тоа е натпревар што носи огромна важност и дополнителна мотивација за нашиот национален тим. „Црвено-жолтите“ ќе имаат исклучително тежок противник пред себе, но токму ваквите натпревари од Лигата на нациите се најдобра можност Македонија да покаже дека може да се надигрува и со најсилните репрезентации. Досега, тоа не беше случај.
Швајцарија располага со квалитетни и искусни фудбалери, тим што знае како да го контролира натпреварот и да го казни секој подарок од противникот. Но, Македонија не смее да излезе на теренот со страхопочит. Напротив, потребна е храбра Македонија. Потребен е тим што ќе се обиде да игра фудбал, да притисне кога ќе има можност и, конечно, да покаже поголема решителност во завршницата.
Особено важно ќе биде нашите фудбалери да не се задоволат само со добрата дефанзивна поставеност. Против ваков противник не е доволно само да се брани сопствениот гол, потребно е да се погледне и кон спротивната страна. Затоа, крајно време е Македонија да шутне кон противничкиот гол.
Да создаде шанса, да упати удар, да ја натера одбраната на Швајцарија да се повлекува и да покаже дека дошла да се бори за нешто повеќе од пристоен впечаток, на каков навикнавме на последните натпревари од Лигата на нациите, каде што примивме седум гола, а не постигнавме ниту еден. Воедно, статистички, во Лигата на нациите, имаме само еден и единствен удар кон противничкиот гол, што е катастрофално за нашата селекција.
На вакви натпревари, често еден момент може да го промени целиот тек на мечот. Еден продор, една добра топка, еден удар или една грешка можате да бидат доволни за да дојде Македонија до голема можност. Затоа концентрацијата мора да биде максимална од првата до последната минута.
Македонија има квалитет да одигра добар натпревар, но сега е потребна и храброст. Потребно е фудбалерите да веруваат дека може да му направат проблем на фаворитот.
Швајцарија, можеби, има предност на хартија, но фудбалот одамна покажа дека не победуваат имињата и репутацијата сами од себе. Победува тимот што ќе покаже повеќе желба, дисциплина, карактер и храброст во клучните моменти, што не беше случај на изминатите натпревари.
За Македонија, ова е уште една можност да покаже дека заслужува да биде дел од големите европски фудбалски приказни. Одбраната мора да биде сигурна, средниот ред борбен, а нападот, конечно, поопасен.
И, пред сè, треба да се покаже дека Македонија не дошла само да го издржи притисокот на Швајцарија туку и да ѝ зададе сериозни проблеми.
Вечерва е време за храбра Македонија. Време е за фудбал, борба и за карактер.
Крајно време е Македонија да шутне кон противничкиот гол.
