Лудост? Украинска кошаркарка го напуштила тимот затоа што донеле Русинка

КОШАРКА

9/23/20261 min read

Кејт Ковал откри дека војната во Украина е вистинската причина за нејзиното заминување од Луизијана Стејт.

Украинската кошаркарка Кејт Ковал го напушти женскиот тим на Универзитетот Луизијана Стејт (LSU), откако клубот во составот ја донесе руската кошаркарка Ана Минаева.

Ковал официјално си замина од тимот поради „лични причини“, како што соопшти тренерот Ким Малки. Сепак, 20-годишната кошаркарка подоцна јавно откри дека нејзината одлука е директно поврзана со руската инвазија врз Украина.

Ковал е родена во Киев, а нејзиното семејство и понатаму е длабоко погодено од војната. Нејзиниот татко служи во украинската армија, а кошаркарката вели дека конфликтот за неа не е нешто далечно или апстрактно.

„Мојот татко служи во украинската војска и е горд што ја брани својата земја од руската агресија. Луѓе кои ми се блиски беа убиени или ранети во руски напади, а местата каде што пораснав и каде што почнав да играм кошарка беа уништени во ракетни напади“, порача Ковал.

Нејзиното заминување следуваше само кратко време откако LSU го ангажираше 17-годишната Русинка Ана Минаева, висока 198 сантиметри, која претходно настапувала професионално за московскиот клуб МБА.

Тренерката Малки откри дека разговарала со Ковал уште пред LSU да започне преговори со Минаева. Таа дури се надевала дека двете кошаркарки би можеле да претставуваат своевидни „амбасадорки“ на своите земји и пример дека спортот може да ги поврзува луѓето и покрај политичките конфликти.

Сепак, Ковал донела поинаква одлука.

„Одлуката не беше лесна. Иако разбирам дека составувањето на тимовите е дел од универзитетската кошарка, морам да останам верна на себе, на моите вредности и на мојата земја“, изјави украинската кошаркарка.