ОФИЦИЈАЛНО: Челзи ќе добие нови газди!
ФУДБАЛ
9/17/20261 min read


Американскиот бизнисмен Тод Боели повеќе не е дел од сопственичката структура на Челзи, откако го продаде својот удел во клубот и ја напушти претседателската функција. Мнозинскиот сопственик „Клирлејк Кепитал“ сега ја презема целосната контрола врз лондонскиот клуб, откако ги откупи уделите на Боели и Марк Волтер. Од „Стемфорд Бриџ“ соопштија дека нема да има промени во управувачката структура и долгорочната стратегија на клубот.
Со ова, целокупното управување со Челзи преминува во рацете на Бехдад Егбали и неговиот деловен партнер Хозе Фелисијано, кои го зголемија својот удел на 99,9 проценти. Претходно, „Клирлејк Кепитал“ поседуваше 61,5 проценти од клубот, додека Боели, Волтер и швајцарскиот милијардер Хансјорг Вис имаа по 12,8 проценти. Вис исто така го продал својот удел, но ќе остане деловен партнер на мнозинските сопственици.
Боели беше главната фигура во конзорциумот што го купи Челзи во 2022 година од Роман Абрамович. Тогаш клубот беше преземен за 2,3 милијарди фунти, а Боели веднаш беше назначен за претседател и привремен спортски директор. Во изминатите години неговата улога постепено се намалуваше, додека Егбали преземаше сè поголем дел од секојдневното управување со клубот.
Според условите од првичната аквизиција, членовите на конзорциумот можеа меѓусебно да тргуваат со своите акции во првите десет години од сопственоста. Во 2024 година започнаа разговори околу можноста или Боели или Егбали да го откупат уделот на другиот, откако односите меѓу нив станале сè позатегнати.
Според информациите на „Тајмс“, „Клирлејк Кепитал“ платил околу една милијарда фунти за уделите на Тод Боели и Марк Волтер, со што дефинитивно ја презеде контролата врз Челзи.
