,,Подготвуваме нешто ново за Пелистер"!

РАКОМЕТ

10/30/20261 min read

На денешната прес-конференција на Вардар, тренерот Иван Чупиќ и капитенот Васил Гогов ги кажаа своите очекувања.

„Најголемото дерби во Македонија и едно од најголемите на Балканот, играме дома, се надевам пред полна сала, пред добра атмосфера, се надевам дека ќе продолжиме со победа. Има уште многу за играње, откомври сме, но, секој бод ни значи, секоја победа. Ни доаѓа Пелистер, ќе има многу емоции, тензии, ќе биде тежок натпревар, фаворити сме, очекуваме добра игра и победа“, вели Чупиќ.

„Вардар секогаш кога игра дома е фаворит, тоа е во мојата глава отсекогаш. Секогаш се поставуваме како фаворити во нашата сала. Никој не може да е фаворит против нас на наш терен, без разлика за колку голем клуб станува збор. Секој кој ќе дојде во „Јане Сандански“ треба да сфати дека тука многу тешко се победува, многу тешко се земаат бодови. Ова е наша сала и историски се поставуваме така, дека мора тука да победуваме во континуитет“.

„Не знам како било претходно, но откако сум јас тука, им реков на ракометарите дека клубот е пред се, пред сите останати работи во животот, фокусот мора да биде максимален. Мора ракометарите да играат еден за друг, да се борат и да го даваат максимумот за Вардар“.

Мечот ќе биде интересен и од тренерски аспект, Иван Чупиќ против својот сонародник, легендарниот Лино Червар.

„Многу го почитувам Лино, ми беше тренер во репрезентација многу години, најголем хрватски тренер, еден тренер кој помина се во животот и лошо и добро. Но, искрено немам некое посебно чувство од тој апсект дека играм против него. Не е важен Лино, не е важен Чупиќ, важно е Вардар да победи. Ние сме тука само во некој момент од историјата на клубот, важен е само Вардар“, вели Чупиќ

„Јас за тесниот распоред мислам дека е предност, а не маана. Сакам кога имаме натпревари, сакам да играме на 2-3 дена, повеќе се учи од натпевари отколку од тренинзи и мислам дека густиот распоред е наша предност пред Пелистер, исто како и домашниот терен“.

Вардар ќе со соочи со поинаков ракомет од натпреварите во Лигата на шампионите, Пелистер преферира спора игра, со долги напади.

„Не ни одговара ракометот кој го игра Пелистер, бавен ракомет, со споро темпо, но треба да се прилагодиме на се што ќе носи мечот во недела. Треба да имаме план А, Б и Ц, за да имаме одговор на се што ќе се случува на мечот во недела“.

„Генерално ние имаме свој стил на игра, но за секој противник подготвуваме нешто ново, нешто различно. Така и за Пелистер ќе подготвиме нешто што немаат видено во анализите. Ние нема да отстапиме од нашата игра, нашата тактика, но за секој противник, врз основа на тоа со кој играме, има некои нови детали“.

„Ако победиме ќе им дадам одмор на ракометарите до среда, на тие кои нема да имаат обврски со репрезентациите. А ако загубиме? Не сум размислувал на тоа“.

Клучен сегмент за победа ќе бидат и голманите. Васил Гогов за првпат како капитен ќе влезе во големото дерби.

„Не очекува најголемото дерби на Балканот, еден тежок меч кој ни е многу важен, не само да останеме на првото место во лигата, туку и за мотивација, за енергија… Поминавме еден тежок месец со многу натпревари, заморот е присутен, но кога ќе дојде ваков натпревар тоа се заборава. Ќе дадеме се од себе, и во една убава атмосфера се надевам дека ќе победиме“, вели Гогов.

„Титули се освојуваат со добра одбрана и со одбрани на голманите. Во вакви мечеви каде противникот игра со долги напади, мислам дека победникот ќе го одлучи одбраната и одбраните на голманите“.

„Емоциите се на високо ниво, овој натпревар за мене ќе биде посебен, бидејќи првпат ќе го играм дербито како капитен. Ќе дадеме се од себе и очекувам победа“.

„Главните играчи на Пелистер кои беа лани, се тука и сега. Имаат нов тренер и нивната игра е сменета. Лани беа побрзи, сега играат побавно. Имаат квалитетни играчи, ќе имаме тежок противник против нас“.