Спиевме во кујната, мајка ми работеше во ресторан, а потоа..
ФУДБАЛ
10/13/20261 min read


Ламин Јамал денес е една од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал, но неговиот пат до врвот започнал во сиромаштија и скромни услови. Младиот ас на Барселона пораснал во работничката населба Рокафонда, во Матари, каде што неговото семејство се соочувало со сериозни финансиски проблеми, додека тој сонувал еден ден да заигра на најголемите стадиони.
Во гостувањето во подкастот „Ресонансија де Корасон“, Јамал се присети на детството и на условите во кои живеел пред фудбалот да му го промени животот. Неговата приказна открива колку бил долг патот од скромниот семеен дом до светската слава.
„Пораснав во стан во кој кујната и спалната соба беа на истото место“, искрено раскажа шпанскиот репрезентативец.
Посебно место во неговите сеќавања има мајка му, Шејла Ебана, која работела во ресторанот за брза храна „Мекдоналдс“ за да му обезбеди на семејството основни услови за живот и да му овозможи на синот барем малку безгрижно детство.
Во документарниот филм „304“, на авторот Чави Торес, Јамал раскажа како мајка му се жртвувала за него, дури и кога семејството располагало со многу малку пари.
„Мајка ми работеше во „Мекдоналдс“ и со она малку што го имавме, за време на празниците бевме пресреќни. Од скромната плата успеа да ми купи „Плејстејшн“. Кога ќе се враќаше од работа, разговараше со мене, подготвуваше ручек, а потоа веднаш брзаше назад на следната смена“, откри Јамал.
И покрај огромниот фудбалски талент на својот син, неговата мајка не дозволувала спортот да му биде единствена обврска. Образованието било подеднакво важно, па често морал да ги заврши училишните обврски пред да замине на тренинг.
„Постојано инсистираше да учам. Ме запишуваше на дополнителни активности и ме тераше да учам до доцна. Јасно ми велеше: „Нема да одиш на тренинг ако не учиш“, се присети фудбалерот на Барселона.
Денес, кога заработува милиони и е меѓу најважните играчи на каталонскиот гигант, Јамал не заборава кој бил покрај него во најтешките моменти. Штом го потпишал првиот голем договор, една од неговите први желби била да ѝ обезбеди нов дом на мајка си.
„Ѝ купив куќа во населбата што самата ја избра. Ја прашав каде сака да живее и ѝ реков: „Каде и да посакаш, куќата е твоја“. Но, што и да ѝ купам или подарам, никогаш нема да може да се спореди со сè што таа направи за мене. Мајка ми беше мојот најголем животен пример кога бев мал“, емотивно рече Јамал.
