Teн Хаг удри по Роналдо: Прескокнуваше тренинзи и не трчаше!

ФУДБАЛ

10/20/20261 min read

Поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг за првпат ја откри вистинската причина за конфликтот со Кристијано Роналдо, кој ја разбранува фудбалската јавност во 2022 година.

Холандскиот стратег смета дека понекогаш морал да покаже авторитет за да ги спроведе неопходните правила на однесување, поради што дошло и до проблеми со португалската суперѕвезда.

„Ме изневери и мене и тимот, бидејќи сметавме на него. Тој е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и исклучително го почитував, но морав да носам рационални одлуки. Отсуствуваше од некои тренинзи, а кога тренираше, не трчаше доволно и не го подигаше пулсот до потребното ниво. Се соочив со него поради тоа“, изјави поранешниот стратег на Ајакс во интервју за „Атлетик“.

Потоа, 56-годишниот тренер ги објасни и своите тактички замисли, кои не можел да ги спроведе со петкратниот освојувач на „Златната топка“ во нападот.

„Не беше способен да се движи добро бидејќи не се подготвуваше како што треба. Не трчаше ниту со топката ниту без неа. Погрешно е да се прикажуваат работите како да очекував од него постојано да се исцрпува со висок пресинг. Им велеше на соиграчите да ги штедат нозете на тренинзите и имаше лошо влијание врз нив.“

„На некои фудбалери фудбалот не им беше најважната работа во животот, а на некои дури ни Јунајтед не им беше на прво место. Сметам дека тоа во клубот го донесе ‘мадридската врска’. Играчите имаа голема моќ и сакаа тие да одлучуваат. Раководството сакаше динамичен, напаѓачки фудбал, а тие сакаа да играат онака како што ним им одговара“, раскажа Тен Хаг.