(Видео) Што се случува во Вардар? Кучињата на Миленко се нови „кондициски тренери“?
ФУДБАЛ
9/21/20261 min read


Не е апсолутно никаква тајна дека Вардар, воден под палката на Миленко Неделковски, човек за се во клубот, организациски живее на работ на срамот, ниту од далеку не доликувајќи на клубот кој 80 години претставува гордост на македонскиот спорт.
Затоа, и било какво случување во и околу „црвено-црните“ во моментов, се чини, веќе апсолутно никого не изненадува… По оние срамни летни подготовки во Италија, по траги-комичниот трансфер-период, по ангажманот на „циркузантот“ Родригез и неговото ослободување по само два месеци, по останувањето без поддршката на „Комитите“, на крај уште една пародија во црвено-црно.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како во тренинг-центарот на клубот во Хиподром, кучиња, за кои се наведува дека се шарпланинците на извршниот директор Миленко Неделковски со кои често јавно се гордее, ги бркаат фудбалерите на Вардар…
За да не биде трагично, и вардаровите поддржувачи главно на шега ја насочуваат целата ситуација, коментирајќи на социјалните мрежи дека тоа се новите „кондициски тренери“ на Вардар, членови на новиот стручен штаб на Грофот….
Извор: ekipa.mk
